Skip to content

Семакедонски собор во Мелник, Бугарија

Македонците достојно го одбележаа споменот за Пиринскиот цар – Јане Сандански

Македонците достојно го одбележаа споменот за Пиринскиот цар-Јане Сандански

24.04.2023

Вчера во градот Мелник се одржа традиционалниот Семакедонски собор посветен на 108-годишнината од убиството на македонскиот револуционер Пиринскиот Цар – Јане Сандански. На Семакедонскиот собор присуствуваа Македонци од сите делови на Македонија и од цела Бугарија.
Во 10 часот по бугарско време, делегации на организаторите на Семакедонскиот собор и делегации од земјата и странство положија цвеќе на гробот на Јане Сандански до Роженскиот манастир над градот Мелник до црквата “Свети Кирил и Методиј”.
Во 11 часот по бугарско време, Семакедонскиот собор започна пред споменикот на Јане Сандански во градот Мелник со богата културно-уметничка програма.
На почеток на програмата, организаторите и гостите од земјата и странство положија венци и цвеќе на Споменикот на Јане Сандански во градот Мелник. Присутните ги поздрави Стојко Стојков, копретседатеч на ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН, кој во име на организаторите прочита Декларација до домашната и меѓународната јавност за правата и слободите на Македонците во Бугарија.
Присутните ги поздравија македонскиот амбасадор Ристо Никовски, претседателот на единствената Македонска партија во Албанија Васил Стерјовски, професорот Тихомир Стојановски, Сотир Лукровски во името на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, Јанко Бачев од Единствена Македонија и Сашо Маневски од Нов АСНОМ.
Претседателот на единствената Македонска партија во Албанија, Васил Стерјовски во своето поздравно обраќање рече “Со целото срце им се поклонувам на Македонците во Бугарија кои се борат за човекови права и кои и преку вакви настани ја негуваат и чуваат македонштината. Јане Сандански, со своето револуционерно дело и саможртвата што ја даде за слободата на Македонија, зазема значајно место во колективната меморија на Македонците. Тој бил чувар на гоцевите идеали и е најистакнатата национална фигура во Пиринскиот крај и загина како што живееше, како херој. Девизата на Пиринскиот Цар ‘Да живееш – значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот за совршенство’ останува како порака за сите нас. Од овде, од гордиот Пирин порачуваме, ние сме Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот јазик, ја сакаме државата Македонија, бидејќи сме нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ. Од институциите на Република Македонија бараме да се грижат за Македонците во соседните земји, како што сите држави на Балканот и Европска Унија се грижат за своите малцинства. Ја поздравуваме неодамнешната средба меѓу македонскиот министер за правда со Стојко Стојков, при што разговараа за положбата на Македонците во Бугарија и не-имплементацијата на пресудите од Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија. Се надеваме дека ваквите средби со институциите на Република Македонија ќе продолжат и во иднина. Се залагаме за потпишување меѓудржавни договори на земјите во регионот за почитување на малцинствата на реципроцитетна основа, каде малцинствата ќе се гледаат како мост на соработка помеѓу државите. Нека е вечен споменот за Јане Сандански и нека се сеќаваме на неговата револуционерна борба, како на инспирација за нашите битки, и да продолжиме да се бориме за слобода и национални права. Вечна му слава на Пиринскиот Цар!”
До Семакедонскиот собор поздравни телеграми упатија Светскиот Македонски Конгрес, Матицата на иселениците од Македонија, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Сојузот на Македонците со исламска религија.
По поздравните говори и телеграми следуваше богата културно-уметничка програма со македонски народни песни и ора во изведба на културно-уметнички друштва и пеачи од Македонија и од Бугарија.
Македонците во Бугарија недвосмислено порачаа дека се нејзини лојални државјани, лошо не и’ мислат на својата држава Бугарија во чии темели се вградени, лошо не и’ мислат на бугарската нација, ги чествуваат датумите, настаните и личностите во кои веруваат, но упатија остри критики кон бугарските институции на власта кои мора да ги почитуваат правата и слободите и на бугарските државјани кои се Македонци по род на своите автохтони родни огништа во Пиринска Македонија и во цела Бугарија, да ги почитуваат универзалните човекови и граѓански права и слободи на етничките Македонци.
Организатори на Семакедонскиот собор во Мелник беа: ОМО “Илинден“ – ПИРИН, Македонското меѓународно движење за човекови права, ОМО “Илинден“, Антички Македонци, Друштвото на репресираните Македонци жртви на комунистичкиот терор во Бугарија, Македонски културен клуб “Никола Вапцаров“, Друштвото за заштита на основните човекови права, Македонскиот клуб за етничка толерантност и Комитетот за правна заштита и толерантност.
error: Content is protected !!