Македонска заедница во Австралија
Македонски учителки им забраниле на учениците да носат маици со сонцето од Кутлеш
01.04.2024
Ова е писмо што до мене го испрати една мајка на ученик Македонец во основно двојазично училиште во Австралија
(се учи на макеоднски и грчки). Ви го пренесувам во целост:
Ицо, во основното училиште Lalor North Primary School, истото не снајде денес на Хармони парада како и минатата година. Како што знаеш ова основно училиште е двојазично. Се предава на македонски и грчки јазик. На Денот на хармонија нашите учителки имаа кутија полна со црвени маици за децата. Секое дете што имаше маивца со Кутлеш звезда, му даваа друга маица да се пресоблече. Закарија, мојот син, не сакаше, а јас отидов до училницата да видам што сѐ е проблемот. Уште на врата Закарија не смееше да влезе внатре, а мене кога ме виде учителката ми рече: “We are not doing this again“. Jас реков “Ooh yes we are”, но таа ме игнорираше и заминаа во другата соба.
Јас чекав да зборувам со нив и ништо од моето чекање. Потоа влегов внатре, а учителката ме игнорираше и се преправаше како да не ме виде. Ја прашав што е работава? А таа ми рече дека од Department of Education е наредбата и “оди зборувај на рецепција“. Отидовме на рецепција, а вработената е со грчко потекло и нејзиниот однос беше еднаков како на македонските учителки. Ме игнорираше. После подолго чекање на рецепција без резултат отидовме на Harmony Day Parade и седевме надвор јас и мојот син Закарија. Отидов да им покажам дека нема да ме засрамат за тоа што сум Македонка.
На крајот ме виде директорката и седнав да разговарам. Нашиот разговор траеше еден час. Од разговорот со директорката заклучив дека цел проблем е во личните интереси на учителките и убедувања дека државното знаме ќе биде присутно, а не Сонцето од Кутлеш за да не сме ги вознемириле и навредиле грчките ученици и нивните родители. Да напоменам дека голем број од родителите на децата кои ги натераа да ги сменат маиците не беа присутни. Не беа таму. Имаше една жена Македонка, многу навредена и изреволтирана и го натера син и’ со иста маица како на мојот син Закарија да седи на парадата и им ја фрли црвената маица назад на македонските учителки.
Имаше и многу други деца од истиот клас и од другите со знамето од Кутлеш кои седеа на парадата, а Закарија не. Овој пат ќе се јавам во Департмент за едукација и секаде каде ќе стигнам и ќе докажам какви учители ни ги учат децата. Срам невиден! Кутија со црвени маици имаа за да ги тераат нашите деца да се пресоблечат на Денот на хармонијата кога со гордост и равноправност треба да се гордееме со нашиот идентитет (македонскиот), а учителките нас не направија да плачеме. Сакам да кажам дека не беше барање на Грците, туку од наши продадени души на учителките. Секоја чест на сите заслужни учители ама ете едно или две сматки јајца го расипаа јадењето. Јас би те замолила овој пат за помош да се стави крај на ова.
Кате Поповска, мајка на Закарија“.
Ете тоа е писмото што беше испратено до мене, до Македонската радио програма “Трипл зед”, Мелбурн.
Инаку, јас жестоко реагирав и ги повикав родителите да испратат писма до директорката Елизабет Брајан и да прашаат дали овај чин на македонските учители е законски (School policy) или самоволие на вработените за да немаат проблеми со грчката заедница.
Некои од родителите добија одговор дека е ненамерна грешка на учителките и дека ќе се превземат мерки за наредната година да не се случи и по трет пат Македонците да бидат дискриминирани и да не им е дозволено да се гордеат со знамето со кое се идентификуваат. Во тек се реагирања на родителите со петиција, потоа релевантните македонски организации веќе стапија во контакт со министерот за образование Бен Карол.
Македонската радио програма ја бараше двапати директорката но без успех. Секако дека ќе продолжам да ја барам додека јавно не ја каже вистината за скандалот на Денот на хармонијата на Австралија.
Инаку, да додадам дека Здружението на учителите на Викторија зема грантови од Агенцијата за иселеништво и секоја година го канат конзулот на матурската вечер – акт кој е спротивен на Резолуцијата од 2018 год точка 12 која предвидува прекинување на сите односи со Северна и нејзините премиери.
За крај, да наведам дека учителките се викаат Елизабет Кантаровска и Елизабета Стојановска.
А ова е реакцијата на друг родител:
„Неодамна на еден наш ученик по македонски јазик не му беше дозволено да учествува на овогодинешниот Ден на хармонијата, бидејќи носеше маица со Сонцето од Кутлеш. Дознаваме дека другите ученици беа принудени да менуваат слични маички за обична црвена маичка за да учествуваат во прославите. За ваша информација, овој симбол постојано се користи од страна на Австралиско-македонската заедница. Тоа е симбол на Македонскиот центар и црквата зад аголот од училиштето, на Хај Стрит, Епинг; да не зборуваме за локалните спортски клубови каде што присуствуваат млади луѓе.
Секоја одлука донесена од училиштето да ги спречи македонските ученици да го носат овој симбол во нивното училиште е дискриминаторска. Исклучувањето ученик од учество на прослави е спротивно на сите политики на инклузија и претставува многу лош преседан за училиштето. Оваа училишна политика треба веднаш да се отповика и да им се дозволи на македонските ученици да ги носат своите маици без страв или намерно различен третман. Локалната македонска заедница ја поддржува јазичната програма во Лалор Северен Примарен од 1980-тите и е револтирана кога дозна за третманот на детето. Родителите Македонци во училиштето бараат оваа ситуација да се реши итно.
Ваш верен, Ник Петровски, татко на двајца ученици од основното училиште Лалор Север
Ицо Најдовски – Перин