Во КИЦ промовирана книгата на Спиро Дуковски
Историјата и генеолошките стебла на Македонците во Дебарско-Албанија
20.06.2024
Во КИЦ синоќа беше промовирана книгата „Последните православни семејства во подрачјето Дебарско Поле во Р. Албанија” од Спиро Дуковски. Промотори на овој труд беа проф. д-р Катерина Тодороска и проф. д-р Андријана Јаневска.
Според зборовите на проф. д-р Катерина Тодороска овој труд има големо значење, не само за историјата на Македонците во Албанија, туку и за општата македонска историја од повеќе аспекти. Имено, во неа се дадени значајни податоци за историјата на областа Дебарско Поле во Албанија, а особено за селата во таа област. Во тој поглед, авторот Дуковски ги обзнанува неговите сознанија за активниоста на одредени личности од оваа област кои учествувале во организирањето и раководењето со револуционерното и национално-ослободителното движење во османслискиот период. При тоа, посочени се цели семејства/фамилии како активни членови на Македонската револуционерна организација, а дел од нив биле силна логистика на македонските револуционери.
Значаен придонес овој труд има и за расветлувањето на образовното дело сред македонското население во селата од областа Дебарско Поле, за што Дуковски приопштува и документ од село Крчиште во кој населението барало да се отвори училиште на македонски јазик за нивните деца да учат на мајчин јазик.
Книгата обилува со факсимили и фотографии како визуелна поткрепа на текстот, со што се дава дополнителна тежина на трудот.
Сепак, според проф. д-р Тодороска најголемата вредност на книгата “Последните православни семејства во подрачјето Дебарско Поле во Р. Албанија” од Спиро Дуковски се состои во бројните фамилијарни стебла, кои авторот ги изработил во соработка со потомци на Македонците кои потекнувале од овој крај. Овие податоци, речиси е невозможно да се фалсификуваат и Македонците од областа Дебарско Поле да се претставуваат како нешто различно од она што е нивниот македонски корен.
Проф. д-р Андријана Јаневска говореше за значењето на македонската народна песна во селата од Преспа, Гора и Голо Брдо за зачувување на македонскиот национален идентитет кај населението. При тоа, истакна дека од нејзините истражувања и сознанијата кои ги нуди книгата “Последните православни семејства во подрачјето Дебарско Поле во Р. Албанија” од Спиро Дуковски јасно се гледа поврзаноста на македонското население бидејќи традиционално се пренесувале песните од колено на колено, поради што и опстојале до денешни дни во оригинална форма.
Имајќи го предвид богатиот изворен материјал кој го поседува проф. д-р Јаневска беа презентирани три аудио материјали од македонски песни, испеани од Македонци во Албанија и снимени во период од десетина години.
Според проф. д-р Јаневска значењето на книгата е огромно бидејќи дава податоци добиени од изворна документација од повеќе архиви, податоци собрани од потомците на Македонците кои во 19. и 20. век живееле и работеле во селата од областа Дебарско поле, а од гледна точка на податоци за македонската традиција во овие предели трудот е вистински извор.
После излагањата на промоторите, авторот Спиро Дуковски посочи дека не е ниту историчар, ниту писател туку лекар. Но, неговиот интерес за историјата на неговиот роден крај и неговото родно село Ербеле биле причина да се зафати со оваа благородна работа да ги зачува од заборав македонските фамилии од Дебарско Поле. При тоа, авторот се заблагодари на сите кои помогнале во оформувањето на овој обемен труд, при што кажа дека и објавените податоци на 500 страници не се целосната слика за животот и активностите на Македонците во Дебарско Поле низ вековите. Затоа најави нов труд за кој повторно со свои средства ќе направи истражувања во архиви за кои ќе добие информација дека има документација за Македонците од Дебарско Поле.
Авторот се заблагодари и на КИЦ Скопје за дадената можност овој труд да се претстави пред македонската јавност во салата Империјал, како и на организаторот на промоцијата Матицата на иселениците од Македонија, институција која секогаш е подготвена да излезе во пресрет на Македонците од соседните држави и од дијаспората.
На крајот од промоцијата на книгата “Последните православни семејства во подрачјето Дебарско Поле во Р. Албанија” од страна на потомците на Македонците од Дебарско Поле кои живеат и работат во Македонија на Спиро Дуковски му беше доделена благодарница за вложениот труд и зачуваниот спомен на нивните предци.
Македонското друштво “Илинден“-Тирана на авторот Спиро Дуковски му го честита објавувањето на трудот “Последните православни семејства во подрачјето Дебарско Поле во Р. Албанија” со искрена желба да има повеќе вакви трудови за сите делови од Албанија каде живеат и работат Македонци.