Изложба „Портрети на Гоце Делчев“ отворена во Белград
Изложбата „Портрети на Гоце Делчев“, на уметникот Ангел Петров, свечено е отворена во Педагошкиот музеј во Белград. Здружението на Македонците „Македониум“ од Белград, на овој начин ги одбележа двата значајни датуми – 11-ти октомври – Денот на народноослободителната и антифашистичка борба и 23-ти октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Бидејќи оваа година се навршува 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, организаторите одлучиjа програмата да биде посветена на ликот и делото на овој голем македонски револуционер.
Во име на Фондацијата „Ангел Петров“ од Велес, изложбата ја претстави Светлана Петрова, директорката на Фондацијата. Гоце Делчев е во Белград, меѓу нашите Македонци. Имаме добра соработка со Здружението „Македониум“. Овде се наоѓаат 12 портрети на академскиот сликар Ангел Петров, изработени во различни техники. Авторот во период од 50 години има изработено околу 50 портрети на Гоце Делчев – вели Петрова.
Многу е битно, не само да ги прославиме нашите предци, туку и да знаеме доколку не биле тие, немало да бидеме ни ние. Гоце Делчев со неговите идеи и со целиот придонес што го има во македонската народна историја, тој нам и оставил една патека која мора да ја следиме. Доколку ние си го заборавиме коренот или дозволиме да ни изгние коренот, тогаш и ние самите немаме можност за опстојба. Мене лично многу ме радува што и Македонците во Србија имаат можност да ја одбележат на еден достоинствен 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев – вели проф. д-р Катерина Тодороска, од Институтот за национална историја во Скопје, која што одржа пригодно предавање во рамките на програмата. Посетителите имаа можност да слушнат интересни детали за животот на Гоцет Делчев, да погледнат по прв пат објавени фотографии, како и мислите на еден од најголемите следбеници на Гоце Делчев, Димо Хаџи Димов. За оваа прилика и пејачката група на Здружението „Македониум“ подготви пригодни песни. На настанот присуствуваа претставници на македонската амбасада во Белград, како и претседателот на Националниот совет на македонската национална заедница во Србија Борче Величковски.На крајот од програмата Зорица Митровиќ, претседателката на Здружението „Македониум“, потсети дека во тек е спроведувањето на Пописот во Република Србија и истакна: „Каде и да беше Гоце Делчев знаеше кој е, ајде сега и ние на овој попис да покажеме дека каде и да сме знаеме кои сме“.