Skip to content

Во Културно-информативен центар во Скопје

Изложба на графики од Димче Николов

Изложба на графики од Димче Николов

16.05.2023

Во Културно-информативниот центар во Скопје, во четврток (18 мај) ќе биде отворена изложба на Димче Николов. На изложбата што ќе биде поставена во ликовниот салон Империјал 1 и 2 ќе бидат изложени графики од творечкиот опус на Николов, еден од најзначајните македонски графиочари. Со оваа изложба Културно информативниот центар свечено ја обележува 70 годишнината од неговото раѓање.
Уметникот Димче Николов се определува исклучиво за графиката како свој ликовен медиум на изразување. Неговите почетоци во оваа ликовна дисциплина ги следиме почнувајќи уште од првите изработени графики во техника линорез, сува игла, литографија, па се до делата работени во бакропис-акватинта, за која техника дефинитивно ќе се определи во своето понатамошни дела. Во своите графики и цртежи Димче Николов ткае апстрактно-пејзажни приказни, користејќи ја својата петска имагинација, виртуозното познавање на ликовната композиција како и совршеното владеење на графичката техника. Во таа негова само навидум црно бела строгост се провлекува визуелен сплет на форми, линии, тонски валери, текстури кои се во взаемна усогласеност и рамнотежа. На овој начин тој создава дела со врвен естетски квалитет кои содржат емоционално и ликовно прочистен израз и умешно просторно обликување. Во неговите суптилни, меки, но во исто време моќни апстрактни предели ја наслушнуваме музиката на неговиот чист ликовен израз.
Димче Николов е роден во Битола на 21 фебруари 1953 година. Своето ликовно образование го започнува во училиштето за применета уметност во Скопје, а го продолжува на престижната Академија за ликовна уметност во Љубљана, на сликарскиот оддел, кај професорот Штефан Планинц. По дипломирањето на истата се запишува на постдипломски студии по графика кај професорот Богдан Борчич, кој ке одигра кључна улога во неговата определба да ја одбере графиката како свој примарен ликовен израз на кој ќе се посвети во текот на целиот свој животен век.
Учествувал на повеќе од двеста графички изложби и меѓународни графички биеналиња, како домашни така и во цел свет: Љубљана, Белград, Сараево, Скопје, Битола, Дубровник, Брисел, Барцелона, Лисабон, Париз, Дижон, Шамалие, Краков, Лоѓ, Истамбул, Сеул, Токио, Сапоро, Кјото, Хавана, Рио де Жанеиро и други. Добитник е на голем број награди и признанија, над четириесет, од кои повеќето меѓународни. Добитник е на три GRAND PRIX награди. Слободно може да кажеме дека е најнаградуваниот македонски ликовен уметник.Во средината на осумдесетите години се враќа од Љубљана во Македонија, каде е повикан да биде професор на Факултетот за ликовни уметности, отсек графика, во Скопје. Тука тој несебично ги пренесува своите искуства од областа на графиката на повеќе генерации на студенти.
Изложбата ќе биде отворена до 6 јуни годинава.
error: Content is protected !!