Skip to content

Македонска заедница во Албанија

Изборната реформа мора да уреди застапеност на малцинствата во парламентот!

Изборната реформа мора да уреди застапеност на малцинствата во парламентот!

22.03.2024

Претседателот на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, учествуваше на тркалезната маса во Тирана, организирана од претседателот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, со политичките партии во Албанија.
Како претседател на Македонска алијанса за европска интеграција и во име на Македонската заедница, Васил Стерјовски ги сподели ставовите околу изборната реформа, оценувајќи дека од суштинско значење е оваа реформа да се спроведе на сеопфатен и консензуален начин, со решавање на клучните прашања како што се електронското гласање и броење, деполитизирана изборна администрација и можноста за гласање на дијаспората.
“Суштинска точка во оваа реформа е застапеноста на малцинствата во Парламентот. Мораме да се погрижиме гласот на сите граѓани, особено на оние од малцинските групи, да се слуша праведно и ефективно. Тоа значи, на малцинствата да им се гарантира одреден број мандати во парламентот. Овој чекор не само што ќе ги збогати парламентарните дебати, туку ќе помогне донесените одлуки да ги одразуваат потребите и аспирациите на сите сегменти на општеството“, – рече Стерјовски.
Исто така, додаде, од суштинско значење е изградбата на силна евроатланска и инклузивна Албанија, каде секој граѓанин, без разлика на етничката припадност, ќе се чувствува претставен и ценет.
“Во моментов, регионалниот пропорционален изборен систем не е доволен за да одговори на потребите на различното општество како нашето и не гарантира правична застапеност на малцинствата, кои се распространети низ целата територија на Република Албанија, а не само во одредени oбласти. Време е да земеме пример од европските земји како Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија, Германија, Полска, Белгија, Косово, Руската Федерација, скандинавските земји, кои успешно имплементираа вакви системи на претставување. И ние да направиме позитивни промени“, – нагласи тој.
Според него и во петтиот мониторинг извештај за Албанија на советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа во 2023 година, од Албанија се бара да преземе позитивни мерки за да обезбеди застапеност на малцинствата во Парламентот.
Станува збор, рече Стерјовски, за создавање визија за една Албанија каде секој глас е важен и каде почитувањето на различностите е нашата сила.
На средбата учествуваа претставници и на други национални малцинства, на политички партии, како и поранешниот албански претседател Бамир Топи.
error: Content is protected !!