Skip to content
Во чест на раѓањето на Крсте Петков Мисирков

„За Македонцките работи“ на Балканот

„За Македонцките работи“ на Балканот

18.11.2022

Крсте Петков Мисирков со силината на својот ум и разбирање на работите за прв пат прави кодификација на нашиот писмен јазик врз основа на говорот на централното наречје.
За ова тој самиот ќе напише „за мене от сега на тамо имат да бидит литературен македонцки јазик”. Со тоа тој ги бранеше идеалите на својата младост проследени со личната драма на емигрант, а живеејќи само 52 години, во сиромаштија и талкања. Често беше по патиштата, не затоа што така сакаше, туку затоа што така мораше, оти другите со нивните пропаганди му ги одредуваа патиштата, тргнувајќи од родното село Постол, Ениџевардарско во Егејска Македонија, каде завршува шест одделенија во грчко основно училиште. По неколку години, односно во 1889 година, заедно со неколку Македончиња со посредство на великосрпската пропаганда во Македонија заминува да учи во Белград. Присилуван да се декларира како Србин, Мисирков заедно со група ученици Македонци заминува во Софија, каде го завршува вториот прогимназиски клас и го почнува третиот. Но и тука во бугарската средина го следат уште поголеми непријатности, и затоа во 1891 година заедно со поголема група сокласници се враќа во Србија. Во почетокот на 1891 година е ученик во Богословско- учителската школа. Но, по бунтот на учениците, училиштето е затворено и Мисирков продолжува да учи во Шабац, па во Белград.
Под влијание на настаните во Македонија од тоа време и се позачестените пројави на македонската интелегенција на политички и национален план, со појавата на Младата македонска книжевна дружина и нејзиниот орган „Лоза” во Софија; акцијата на владиката Теодосија (Гологанов) да се одделат од бугарската Егзархија македонските епархии и да се обнови укинатата Охридска архиепископија. Потоа да се признае од страна на турската власт македонската народност и да се воведе во училиштата и во црковната администрација македонски јазик. Акцијата во Костурско во таа смисла: од формираната комисија подготвена граматика и речник на македонскиот јазик со 10.000 зборови, како и превод на одделни црковни книги, Мисирков и други негови соученици, веќе запознаени со „аргументите” на пропагандите на балканските државници во Македонија, со нивните интреси и цели, во учебната 1893/94 година ја формираат македонската дружина „Вардар“.
По завршувањето на Учителската школа во 1895 година, наместо во Приштина каде бил назначен за учител тој тајно заминува за Русија. Бидејќи образованието не му било доволно да се запише на студии, тој две години ја посетува Духовната семинарија во Полтава. Тука му станува блиска борбата на украинскиот народ за национална еманципација. Веќе во 1897 година тој е студент на Историско-филолошкиот факултет во Петербург, декларирајќи се како Македонец. Судрувајќи се со немаштина, болести, прекин на студиите, Мисирков факултетот го завршува во пролетта 1902 година. За време на студирањето три пати престојува во татковината, а оди во Прага и во Литва, каде го учи чешкиот, односно литовскиот јазик.
Во 1900 година Мисирков е член и основач на Тајниот македонско-одрински кружок во Петербург, кој имал за цел „да го помага материјално и морално македонското дело и да го следи неговиот развој”. Како активност на кружокот, во 1902 година, времето кога Мисирков се подготвува за постдипломски студии кај професорот Лавров, се вбројува и издавањето на весникот „Балкански гласник”. Редакцијата ја сочинуваат Д. Чуповски, Г. Константинович, Н. Димов, Ст. Јакимов-Делов, Дијамади Трпков Мишајков, кои го основаат и Македонското студенско друштво, кое во 1903 година ќе се преименува во Македонско научно- литературно другарство „Свети Климент”, (за кое академик Блаже Ристовски ќе рече дека тоа е зачеток на Македонската академија на науките и уметностите). Во Меморандумот испратен до руската влада, членовите на друштвото ќе бараат: признавање на македонско словенско население во Македонија за одделна словенска народност, обновување на Охридската архиепископија, како национална црква на Македонија, издигањето на македонскиот јазик на степен на литературен и сл.
Но, поради бројни тешкотии, пред се’, од материјална природа, Крсте Петков Мисирков, ги прекинува студиите и се враќа во Македонија, каде е назначен за учител во Машката класична гимназија во Битола. Како близок пријател на рускиот конзул Ростковски (и домашен учител на неговите деца), Мисирков имал можност одблиску да ги следи активностите на дипломатските претставници во Македонија, во однос на решавањето на македонското прашање. По убиството на рускиот конзул, Мисирков се враќа во Русија. Под силно влијание од Илинденското востаните, тој објавува бројни текстови во рускиот печат. Значајни се неговите три реферати на седниците на Македонското научно-литертурно другарство „Свети Климент”. Со додавањето на уште два текста за Македонија како етнографска и политичка целина и за македонскиот јазик и предговор, по наговор на „Другарството”, Мисирков заминува во Софија за да ги отпечати во посебна книга „За македонцките работи”. Книгата, која не кореспондирала со ставовите на туѓите балкански пропаганди е масовно откупувана и уништувана. Зачуваните примероци стануваат најголема библиографска вредност, а цели генерации Македонци никогаш не дознаа за нејзиното постоење.
Наоѓајќи се во животна опасност, физички нападнат, Мисирков успева да ја напушти Бугарија и да се врати во Русија. Работи како гимназиски професор во Бердјанск и одржува тесни врски со членовите на „Другарството” во руската престолнина. Со немирен творечки дух, тој во 1905 година во Одеса го печати првиот број на месечникот “Вардар”, кој ја доживува истата судбина, како и книгата „За македонцките работи”. Со првиот број на ова списание, македонската јавност ќе се запознае по шест децении, дури во 1966 година.
Малтретиран и прогонуван, оневозможен да делува во духот на „Другарството”, тој се посветува на научната работа, главно поветена на историјата на македонскиот народ и зачувувањето на целоста на македонската територија.
За време на Првата балканска војна Мисирков се наоѓа во Македонија, но разочаран од развојот на настаните и од последиците, тој се враќа во Русија. Соработува во „Македонски голос”, орган на Македонската колонија во Петроград, каде под псевдоним објавува две статии за идеалите на македонскиот народ. Тој, меѓу другото, истакнува дека е дојдено времето „да разбере целиот свет дека во Македонија живее македонски народ, а не српски, ниту бугарски, ниту пак грчки, дека тој народ има своја историја, свои национални достоинства, свои крупни историски заслуги во културната историја на словенството…” и дека „ќе настане и за Македонија светла иднина, кога таа обединета и ослободена, ќе стапи како рамноправен член во семејството на балканските народи”.
Тоа време го живееме.
Во својот живот, светлиот миг Мисирков го доживува во годините од 1923 до 1925, кога во емигрантскиот печат во Софија ќе ги објави своите погледи за македонската самобитна култура, за македонскиот национализам, за самоопределувањето на Македонците. Во нив се гледа жарот и ангажираната полетна мисла што зрачат од текстовите на авторот на „За македонцките работи” и на „Вардар“.
Умира во крајна сиромаштија, на 26 јули 1926 година во Софија.
Во сите години и места на неговото живеење се чувствува како емигрант, кој ја бара и ја создава својата Македонија. Тој остави видна трага како изразит општествен работник со изразита политичка волја, за да го одреди местото на Македонија по трагичните настани по Илинденското востание и по Првата светска војна. Неговите заложби се однесуваа на иднината, и затоа иднината ги оправдува како наша денешна реалност.
Со почит и пиетет во чест на 125-годишнината од неговото раѓање, Македонија на 18 ноември, годинава му оддаде достојна почит на визионерот, револуционер и научник Крсте Петков Мисирков.
 
Архив, Илустрирано списание на Матицата на иселениците од Македонија, „Македонија“, бр. 563, декември 1999
error: Content is protected !!