Skip to content

Ден на македонската книга на руски јазик

Ден на македонската книга на руски јазик

Во Друштвото на писателите на Македонија, на четврти ноември, ќе се одржи литературна средба насловена „Ден македонската книга на руски јазик“ од преведувачкиот опус на Олга Панкина. На средбата ќе зборуваат Влада Урошевиќ и Венко Андоновски.

Олга Панкина е позната руска македонистка и преведувачка, поетеса, сликарка, популаризатор на македонската култура во Русија. Студирала на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет “Ломоносов” каде што дипломирала по струка: филолог, стручњак за словенски јазици и литератури. Била на подолго стажирање на МАНУ. Дипломската теза ја подготвила со научно менторство на акад. Блаже Конески. Нејзиниот научен интерес лежи во доменот на современиот македонски јазик, лексикографијата, теоријата и практиката на преведување од и на словенски јазици.

Нејзината професионална активност е посветена на популаризацијата на македонската книжевност и култура во Руската Федерација преку ангажман во работата и дејноста  на невладината организација “РОО Македонски културен центар” во Москва, формирана по нејзина иницијатива пред 12 години. Таа како долгогодишен претседател на овој центар, мошне активно и успешно ги презентира македонските културни вредности во Руската Федерација, и ги запознава руските граѓани со културата, јазикот, историјата и современиот живот во Македонија .

Истовремено, Панкина е член на Московската градска организација на Друштвото на писателите на Русија, член на Сојузот на преведувачите на Русија, член на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на литературните преведувачи. Член на Друштвото на ликовните уметници на Русија, член на Координационениот Совет на Руските сонародници во земјата.

Олга Панкина е добитник на голем број награди и признанија во Руската Федерација и во нашата земја: медал “Державин” (Русија, 2009), “Кристално перо” (Русија, 2010); “Златно перо” (Македонија, 2010); медал “Чехов” (Русија, 2011), “Григор Прличев” (Македонија, 2011), медал “Грибоедов” (Русија, 2012), медал “Блаже Конески” (Македонија, 2012), “Гоцевата мисла” (Македонија, 2014), “Арт Феникс” (Македонија, 2014), “Почесно Рациново признание” (Македонија, 2015), “Sвезден македониум” (Македонија, 2015), “Арт Глобал” (Хрватска, 2015, 2016), Златна диплома од Меѓународниот форум на словенските култури “Златен витез” за популаризациjа на македонската литература во Русиjа (Русиjа, 2018), државна награда Медал за заслуги за Македониjа (Македонија, 2019), литературна премија “Jугра» (Русија, 2020), “Златен витез” (Русија, 2021) и др. Едновремено Панкина е добитник на благодарници од низа руски и македонски јавни и општествени установи и институции.

Има над 100 објавени трудови: преводи на руски од македонски и од други словенски јазици, како и од руски на македонски. За повеќето автори напишала и белешки во изданијата.Панкина е автор на повеќе статии за Македонија во разни руски списанија.

error: Content is protected !!