Македонска заедница во Србија
Денови на македонската култура во Нови Сад
22.05.2023
17. Денови на македонската култура во Нови Сад, Србија почнуваат вечерва (19 часот) со Свечена академија во чест на светите браќа Кирил и Методиј. Свечената академија ќе се одржи во Културниот центар на Град Нови Сад – Трибиона на младите. Деновите на македонската култура во Нови Сад се во организација на Здружението на граѓаните од македонско национално малцинство „Св. Кирил и Методиј“ од Нови Сад.
На манифестацијата која ќе трае до 7 јуни ќе се одржат неколку настани. На 28 мај (недела) со почеток во 19 часот, во Друштвото на писателите – Нови Сад ќе се одржи Литературно – поетска вечер. Програмата продолжува на 2 јуни (петок) со изложба на слики на младата македонска уметничка Викторија Динева во Културниот центар „Милош Црњански“ во Нови Сад. Деновите на македонската култура ќе завршат со концерт насловен „Вечер на изворната македонска песна“ на кој ќе настапат Пеачката група на здружението „Маке3донски бисери“ од Пландиште, Пеачката група „Исток 10“ од Вршац, Пеачката група од Стара Пазова и женската пеачка група „Соња Маринковиќ“ од Нови Сад.
Во состав на Деновите на македонска култура во Нови Сад во периодот од октомври до декември ќе бидат организирани работилници за македонски јазик кои ќе се одржуваат во просториите на Здружението „Кирил и Методиј“ под раководство на проф. Сандра Субиќ.