Skip to content

Да се биде Македонец не е антибугарска работа

309825856_1525853944494477_8334653879385185961_n

01.11.2022

Почитувани гости, сонародници и пријатели, Македонци и пријатели на вистинското и рамноправно пријателство меѓу македонскиот и бугарскиот народ.
Денеска отвораме македонски културен клуб кој ќе ја чува и развива македонската култура. Кој ќе ја одржува жива културната врска меѓу Македонците во Бугарија и останатите Македонци ширум светот.
Клуб кој ќе помогне во Бугарија да се запознае македонската култура, а преку неа и македонскиот народ. Запознавањето е првиот чекор кон разбирање и вистинско пријателство.
Културната размена е она што навистина може да ги зближи луѓето и да ги претвори нивните разлики во нешто што привлекува, наместо да мрази, во духот на европскиот принцип „Обединети во разликите“. Во духот на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев – „Светот го разбирам како поле за културен натпревар меѓу народите“.
Така ќе можеме да градиме мостови, а не ѕидови.
Клубот го нарековме по големиот поет Никола Вапцаров, роден во Македонија под турска власт во 1909 година, кој во својата поезија ја изразил својата силна љубов кон Македонија:
Над мојата земја
до небото Пирин се дига
Боровите в бура
илинденски приказни пеат.
Над Охрид модрината
е толку просторна и сина
а подолу уште
е светлиот брег на Егеја.
Човекот го основа Македонскиот литературен кружок и ги постави како мото неговите зборови „Ние сме Македонци и нашето творештво мора да биде во служба на македонската кауза“.
Вапцаров е личност која израснала во Бугарија, со бугарската култура и создала прекрасна поезија на бугарски јазик, со што ја збогатил бугарската литература. Антифашист и идеалист. Личност која обединува. Личност која е симбол на Македонците во Бугарија, кои тивко и чесно работат придонесувајќи за просперитетот на државата во која живеат.
Тие не добиваат признание за тоа, и не го сакаат тоа.
Но, тие не заслужуваат негирање, отфрлање, омаловажување.
Ние сме прогласени за непријатели, а нашите намери се пријателски. Ние сме прогласени за сепаратисти, а нашата аспирација е уривање на границите и Обединета Европа. Ние сме прогласени дека сме незаконски, а сакаме да работиме во рамките на законот.
Цели 32 години се отфрлани нашите напори да регистрираме сопствени организации преку кои ќе учествуваме во културниот, општествениот и политичкиот живот. За ова земјата 15 пати е осудена од Европскиот суд за човекови права. Не сакаме никого да судиме, само сакаме да бидеме еднакви како и другите граѓани.
Сакаме да можеме да се нарекуваме Македонци без да не навредуваат. Да може без страв да се собираме и да создаваме. Да бидеме од корист за двете земји и за двата народа – затоа што ја знаеме нивната душа и култура.
Да се биде Македонец не е антибугарска работа.
Македонците во Бугарија 60 години се борат не против некого, туку за своите човекови права. Подаваме рака на пријателство, но нема да кренеме раце во знак на предавство.
Тука денеска се собраа претставници на целиот македонски народ, од сите страни на Македонија и светот и од сите слоеви на македонскиот народ, од политичката класа на Македонија, од претседателот на Македонија, и од демократското општество на Бугарија. Вашето присуство е моќна порака до сите. И нам дека не сме сами и на оние кои сè уште нè негираат, дека македонскиот народ и чесниот народ во Бугарија секогаш ќе стојат зад нашите праведни барања.
Ќе продолжиме да создаваме, да одговараме со добрина против омразата, со искреност на лагите, со достоинство на навредите.
 
Милан Ризаков,
член на ОМО Илинден-Пирин
error: Content is protected !!