Македонска заедница во Австрија
Годишно собрание на МПЦО „Св. Наум Охридски“ во Виена
![Годишно собрание на МПЦО „Св. Наум Охридски“ во Виена Годишно собрание на МПЦО „Св. Наум Охридски“ во Виена](https://maticanaiselenici.com/wp-content/uploads/2023/02/329845713_5580704905374873_8625418401888797244_n.jpg)
07.02.2023
Македонската православна црковна општина „Свети Наум Охридски“ од Виена на 26 февруари ќе го одржи свеото редовно годишно членско собрание. Во 9.30 часот ќе се одржи света божествена литургија, а годишното собрание ќе започне во 12.00 часот. Црковниот управен одбор на МПЦО “Свет Наум Охридски“ од Виена апелира до сите парохијани, членови и симпатизери да дојдат и активно да земат учество во работата.
Годишното собрание ќе работи по следниот дневен ред: (1) Поздрав до гостите и отворање на годишното собрание од претседателот на МПЦО “Свети Наум Охридски“ од Виена, Љупчо Домазетоски; (2) Избор на работно претседателство на годишното собрание според протоколот (претседател, двајца уверувачи и записничари); (3) Молитва и поздрав од парохискиот свештеник; (4) Извештај за работа со преглед на планираните и остварените проекти во 2022 година, подносител претседателот Љупчо Домазетоски; (5) Финансиски извештај за 2022 година, подносител благајникот Борис Киселоски; (6) Извештај и резиме за работата на Црковниот управен одбор во 2022 година, подносител секретарот Роберт Петрески; (7) Извештај на контролниот одбор и советодавниот одбор за 2022 година; Расправа по поднесените извештаи; (9) Избор на членови во Црковниот управен одбор на МПЦО “Свети Наум Охридски“ во Виена за мандатниот период 2023/2024 година; (10) Разно (прашања и дискусии); и (11) Затворање на годишното собрание.
– Нашите обврски како Македонци далеку од татковината, најдобро ги знаеме, тоа се достоинствено претставување на нашето духовно, културно и општествено-историско наследство на нашата татковина Македонија. Секој еден од вас ја има таа обврска кон себе, родината и спрема другите во Австрија. Секој еден од нас може лично да помогне на било каков начин. Најголемата помош не е финансиската како што можеби многумина мислат, најголемата помош е освестувањето, будењето, љубовта кон своето и прифаќањето на тоа што го имаме како нешто драго и скапоцено. Со заеднички сили можеме многу повеќе да постигнеме, а кога ќе созрее времето, ќе никне и нов македонски православен храм кој ќе биде за гордеење за сите вас и вашите поколенија кои земале активно учество во работата и градењето, за достоинствено и со крената глава пристапиме и се помолиме кон Бога. Сето тоа не зависи од никој друг туку само од нас Македонците – е пораката од Црковниот управен одбор на Македонската православна црковна општина “Свети Наум Охридски“ во Виена.