Македонската заедница во Канада
Годишен банкет на Македонците од Мала Преспа
25.11.2024
Во чест на Свети Архангел Михаил, заштитник на Мала Преспа, Друштвото “Мала Преспа” на 21 ноември го одржа традиционалниот годишен банкет во Конгресниот центар Мисисага.
Присутните ги поздрави претседателот на Македонското друштво “Мала Преспа” во Канада, Босилко Аговски, кој изрази благодарност за присуството и упати искрени поздрави до Македонците од Албанија, до Македонците од сите делови на Македонија во Канада и претставниците на македонските здруженија и црковни општини во Канада.
Водителка на програмата беше Мери Терпо, а во музичкиот дел настапи реномираниот оркестар “Балканска забава“.
Повеќемина членови на Македонското друштво “Мала Преспа“ и Македонци во Канада даруваа награди во традиционално богатата лотарија.
Програмата беше збогатена со настап на три групи на Фолклорниот ансамбл “Илинден“ од Македонската православна црковна општина “Свети Илија“ од Мисисага. Нивните народни игри кои со силен жар се негуваат и од младите поколенија не’ вратија за миг во раскошното македонско фолклорно минато.
– Целта ни’ е да ги задржиме нашите македонски традиции и нашите деца и внуци поблиску до корените. Тоа нека биде порака и до сите македонски здруженија во Канада и пошироко, да ги продолжиме нашите македонски традиции, затоа што само заедно сме посилни и единствени, достојни Македонци, каде и да сме во светот, – порача Босилко Аговски, претседател на Македонското друштво “Мала Преспа” во Канада.