Костадин Георгиев – гласноговорник на вистините
Врховизмот секогаш бил непријател на се’ што е македонско
02.12.2022
Костадин Георгиев е роден во 1948 година во Ќустендилско. Како еден од најпројавените Македонци во Бугарија е постојано прогонуван и затворан, жигосуван јавно од власта и полицијата. Доктор е по филозофија и едно време предавал на Рударско-геолошкиот факултет во Софија. Репресиран е во 1986 година, оттогаш за него нема работа, кога се спротивставил на така-наречениот преродбенски процес кога на Муслиманите во Бугарија насилно им беа менувани имињата. Појавата на неговата книга „Филателизам или проклетие – Аспекти на великобугарскиот шовинизам“ предизвика нови бури во бугарската јавност. Годинава излегуваат уште четири нови негови книги. Тоа беше и повод за разговор со него.
Кои беа побудите да се зафатите со пишување на книгата „Филателизам или проклетие – Аспекти на великобугарскиот шовинизам“?
-Вашето прашање ме враќа назад во времето кон периодот во кој за вас, граѓаните на Република Македонија, кои поседувавте пасоши и имавте слобода на движење и за нас, кои бевме лишени од сето тоа како поданици на Живковистичкиот режим, тоа се одвиваше на различен начин. Вие живеевте во европското време и со неговите основни хуманитарни и демократски придобивки, додека ние тука веќе одумиравме во ропското невреме на еден политички режим. Како интелектуалец кој размислува критички бев во духовна опозиција на тој режим, кој не ми ја одземаше само слободата за животен избор, туку ги оневозможуваше и моите творечки пројави. Анализирајќи ги неговите ставови, неговата умноболна практика и пропагандна активност, кои се повеќе му се доближуваа на неговиот претходен фашистички режим, го барав нивниот заеднички именител и го најдов во големобугарскиот шовинизам. За тоа сведочи и фактот, што мојата сопруга припаѓаше на друго поробено малцинство, тоа беше исто, како дел од Македонците, во краиштата на Бугарија по завршувањето на Балканските војни – тоа на помаците муслимани и преку неа до одреден степен се сродив со нејзиниот проблем и со историјата на нивната борба и страдања. Мојот избор за темата најпосле го дефинира започнатиот обид од страна на режимот на Тодор Живков за насилната асимилација – овој пат врз турското етничко малцинство во земјата. Завршувајќи со работата над оваа книга отворено започна и репресијата врз мене од бугарската Државна сигурност, како и со мојата пројавена дејност во составот на правата опозициона организација тука пред 10 ноември 1989 година.
Посебно го проучувате ВМРО, особено неговото врховистичко крило. Какво е неговото место во македонската историја?
– Не знам дали зборот проучување е најточниот збор за оваа прилика. Вие знаете, благодарејќи на постојниот огромен архивски и публикуван материјал, поврзан со таа тема, како и напорите на многу бугарски и македонски историчари, проблемите околу ВМРО до одреден степен се расветлени, ако не и исцрпени кога станува збор за неговата фактографска страна на генезата, суштината и улогата на врховизмот кој е еманација на големобугарскиот шовинизам, и сето тоа е јасно за секој научник кој нормално размислува. И едвај ли треба повеќе да се бавиме со него, ако не беа обидите во Бугарија по настанатите политички промени тој да биде не само духовно рехабилитиран, но и ако така можам да се изразам – реституиран во реални граници. Бранејќи го нечовечкото достоинство на една банда дегенереции и лицемери, помогнати со парите на бугарската полиција, денешната бугарска држава го толерира постоењето на Иван Михајловата ВМРО – макар и само како нестабилна играрија и како хазард кој скапо ја чини. Што се однесува пак до неговото место, мислам дека во историјата на Македонија тој нема место, зашто врховизмот во сите пројави и со сопствената мимикрија секогаш бил непријател на се’ што е македонско, пострашен и смртоносен од се’ друго. Но во исто време тој е најсилниот и најкатегоричен индикатор дека Македонија постои и постојат луѓе кои по секоја и најголема цена се спремни да опстојуваат и да се борат за свето постоење. Така додека има месечина, ќе има и кучиња кои ќе завиваат карши неа, како што некаде беше запишано. Врховизмот е контрасната сенка на идеалот за кој загинаа плејадата бесмртни синови на Македонија, во чија благодарност и ние нивните потомци, го гледаме и разбираме во неговата суштина.
Кои се одгласите за него во светскиот печат?
-Во крајот на минатиот век, кога и се јавува интересот кон него, воглавно доминираат империјалистичките сили и нивните интереси и амбиции во Балканскиот регион. Нивната позиција најчесто се совпаѓа со односот на владите кон официјална Бугарија и нејзината политика. Очигледно е тоа дека мнозинството од странските дипосници и набљудувачи од почетокот строго го диференцираат врховизмот од сите пројави на Внатрешната македонска револуционерна организација. Во почетокот на веков тоа на категоричен начин го прават Серчани. Во периодот на војните врховистите само се потврдуваат и идентификуваат – нивните водачи се на челните места во листите на меѓународните барања за злодела против човештвото, за насилства и смрт во окупираните од бугарската армија туѓи земји. Во годините кога во Бугарија се воспостави откриено фашистичката диктатура нивните престапни акции и дејствување стануваат познати на европската демократија по два начина – благодарение на внатрешните атентати од врховистите зад граница, како и преку настапите на две тукашни организации – Бугарската лига за заштита на правата на човекот и граѓаните формирана во 1924 година и Комитетот за заштита на жртвите на белиот терор во Бугарија. Најистакнатите тогашни европски интелектуалци во своите книги, настапи, резолуции и обраќања гневно ги осудуваат злосторствата извршувани кон Македонија и бугарскиот народ.
Работите на нова книга, која и каква?
-Книгата на која работам носи наслов „Ножот на гилотината – Врховистичката ВМРО вчера и денес“. Користам една изрека на Александар Стамболијски, некогаш претседател на бугарската влада, со која ја одредува суштината на една во тоа време разбеснета банда, малку пред да биде убиен од нејзините крволочници. Целта која си ја поставив е: прочит на документите и публикациите поврзани со историјата на врховизмот од дистанцата на времето и во една нова политичка реалност кога одредени сили тука се обидуваат да го оживеат она што останало од неговиот злогласен политички труп. Сакам својот збор да го упатам и до многу луѓе во Бугарија, со чија наивност и неинформираност неоврховистите се обидуваат да шпекулираат, трудејќи се да го постројат под распарталено, искомпромитирано и историски бесперспективно знаме. Самодоверба да се зафатам со тоа ми дава податокот дека новопојавените Ванчомихајловисти е оној севкупен потенцијал при цел „научен“ институт кој за осум години не можеше да напише ништо ново, туку само да монтираат трудови и да ги издаваат во огромни тиражи изветвените и научно компромитувачки работи на послушниците и слугите – фалсификатори на историјата од она Царско и Живковистичко време. Умеат секако само да потрошат несфатливо многу пари. Смешно е се’ уште да се преобјавуваат надживеаните мемоари на својот „водач“ и нему сличните. Тешко ќе опстојат апсурдите и лагите. Со оваа моја книга, не на последно место секако, сакам според своите можности да ја изразам својата почит и поддршка за делото и подвигот на оние, кои не се поколебаа да го жртвуваат и сопствениот живот во заштита на македонската кауза и во борбата против злото на врховизмот. Борба, која продолжува.
Васил Тоциновски
Архив, Илустрирано списание на Матицата на иселениците од Македонија, „Македонија“, бр. 547, јануари 1998