Skip to content

Вероника – девојчето со две татковини

312838989_851729005829949_1361611089024327251_n

Горјан Петрески

Еве ни ја Вероника, (наша е!), а од под снежните Алпи! Мајка и’ Соња Цекова Стојаноска, (лектор по професија, поетеса по вокација, но и фолклорист (и што ти не уште друго!), а по дух МАКЕДОНИСТ!), е родена во Словенија. (Но и татко и’ Младен.) Се нашле Македонка и Македонец, се бендисале, се случила љубов и се зеле. Преку неа го воздигнале и животот. (Родителите на Соња, Даринка и Боро, со потекло од Битола и Крива Паланка, на Младен, Лоза и Раде, од Кочани и Јудово, кај Кичево.) Живеат во Внање Горице, Општина Брезовица, кај Љубљана, во „земја без огради“, убавата Словенија, пријател на Македонија. Љубовта им ја донела и Вероника, (велат, од здрав корен и стројно стебло!), бисер – чедо, надарена и мила. А и, (о, каква среќа!), девојче со две ТАТКОВИНИ – СЛОВЕНИЈА и МАКЕДОНИЈА!
…Ја запознав едно лето, на неполни три години. Пламен – дете. Ни дојде со мајка и’ Соња во Сопиште и ми стана инспирација. Напишав повеќе раскази со нејзиното име и ги објавував во списанијата за деца. Си ја замислував и ја внесував, (според темпераментот!), во разни теми и ситуации. А именував и циклус со наслов „Стјуардесата Вероника“ во книгата „Пак се тука Петар и Лука“. (Но, „девојкава“ ми е еден од двата стожерни тинејџерски лика и во романот „Името ми е Вивиен Ли“.) Во него, на виртуелен начин го „дообликував“ карактерот на ликот Вероника, со асоцијација на девојчето од беспрекорно уреденото Внање Горице…
 

275821964_662163038169089_3995900075747234911_n

…Ова лето, еве ја Вероника во Македонија, на неполни тринаесет, веќе наликува на тинејџерка. Дошла со мајка и’ во летната школа во Охрид, да го (до)изучува јазикот МАКЕДОНСКИ, како света генетика, по родот и духот НАШИНСКИ. (Сочниот род, се вели, зрее на гранките од родното дрво!) Седевме во убава летна вечер, (учевме да пиеме и боза!), во позната слаткарница каква што е „Калинка“, во населба „Автокоманда“, во Скопје, а во сопственост на семејниот род на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, играч на „Наполи“ (Италија), наша фудбалска гордост…
…Вероника се’ уште е дете, (учи во седмо), но, со „бурна“ музичка биографија. Мајстор е на фагот, (велат, „тежок“ дувачки инструмент!), освојува први места. Настапува низ Словенија, Хрватска, Италија… Потоа, не помала љубов и’ е пијаното, а и фолклорот. Нашава, ем Македонка, ем Словенка, покажува вонредна дарба, а на оние што им е проречено да успеат, тоа и ќе го потврдат. Налето, Боже здравје, ќе ни дојде и во Детското одморалиште „Радости“ во Охрид, на 9. Книжевен камп за деца и млади „Да бидам, да бидам…“ во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија. (А и јас сум поканет во Словенија, „најчистата земја на светот“, на дружба со деца и тинејџери…) Но, има време до лето. Ќе причекаме. А брзо ќе дојде. Ништо не задоцнува во времето. Дотогаш, Вероника ќе учи, ќе настапува на концерти и ќе другарува со својата славна „клапа“ во состав: Моника, Лара, Патрик, Макс, Ема, Ана, Јон, Гал…
ЧАО, Вероника! ADIJO LEPA SLOVENIJO! Срдечен поздрав од пријателска МАКЕДОНИЈА. Кој друг е толку СРЕЌЕН како нашава Вероника!? Блазе нејзе, на девојчето со две големи ЉУБОВИ, со две преубави ТАТКОВИНИ!

error: Content is protected !!