Македонската заедница во Бугарија
Брисел им се извини на Македонците во Пиринска Македонија за преименувањето во „Северномакедонци“
28.06.2023
ОМО „Илинден“ – ПИРИН и Европската слободна алијанса кон средината ма месецов добиле официјално извинување од Брисел за употребата на „северномакедонско“ малцинство во Бугарија од страна на Европската комисија и други институции во Брисел. Извинувањето следува по двегодишна борба на ОМО „Илинден“ – ПИРИН и ЕФА (European Free Alliance) за преименувањето на македонското малцинство во Бугарија.
Во одговор на писмо упатено на 21 јули 2021 г. од European Free Alliance – Европската слободна алијанса (ЕФА) до Европската комисија, за положбата и правата на македонското малцинство во Бугарија, на 3 ноември 2021 г. беше добиен одговор, во кој македонското малцинство во Бугарија беше преименувано во „северомакедонско“ малцинство и прашањето неосновано беше поставено во врска со договорот за добрососедство на Бугарија со Македонија, иако во случајов станува збор за негирани права на европски граѓани.
ОМО „Илинден“ – ПИРИН и ЕФА реагираа на овој обид да се преименува македонското малцинство во Бугарија, уште повеќе што и други институции во Брисел покажаа слични тенденции, иако последните не толку отворено. На упатеното писмо со реакција од наша страна – не беше добиен одговор. Затоа ЕФА се обрати до Европскиот омбудсман и побара извинување од Европската комисија во името на ОМО „Илинден“ – ПИРИН.
Последната реакција имаше ефект и на 16 јуни 2023 г. раководителот на Генералниот директорат за владеење на правото, фундаментални права и демократија во Европската комисија, Ингрид Беландер Тодино, упати официјално извинување, при што на двапати правилно – почитувајќи го правото на слобода на национална и етнокултурна самоопределба на етничките Македонци во Бугарија – ја именува нашата заедница како: „Macedonian minority in Bulgaria“.
Ова е веројатно прв пат институција на Европската унија да го прифати и признае очигледниот факт на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, наспроти обидите на Бугарија да го негира нашето постоење.
ОМО „Илинден“ – ПИРИН ја продолжува и понатаму својата борба за признавање и непречено ползување на човековите и малцински права на Македонците во Бугарија.