Skip to content

Центар за македонски јазик во Грција

Атина го признала македонскиот јазик уште во 1920 година

Атина го признала македонскиот јазик уште во 1920 година

30.11.2023

Во Грција денес, во основа, македонскиот јазик во приватната и јавната сфера го зборуваат најчесто постарите лица, но сепак и помладите генерации во одредена мера го разбираат истиот, додека некои од нив пасивно се служат со одредени изрази и фрази од локалните македонски дијалекти. Притоа, треба да нагласиме дека македонскиот јазик во Грција е најзастапен во локалниот фолклор и народните песни, ора и танци кои се изведуваат на традиционалните културни настани во населените места од наведените окрузи, каде што едновремено со роднокрајските песни испеани на локалните македонски дијалекти, се’ почесто се изведуваат и народните песни на литературен македонски јазик.
Точниот број на лица кои го говорат македонскиот јазик во Грција не е познат, бидејќи податоците за јазичната различност не се собрани во официјалниот попис. Меѓутоа, македонскиот јазик се зборува (во различен степен) во многу градови и во околу 500 села на следните места:
Регион Западна Македонија, Грција:
– Регионална единица Флорина/Лерин (околу 80 села)
– Регионална единица Касторија/Костур (околу 75 села)
– Регионална единица Козани/Кожани (околу 20 села)
Регион Централна Македонија, Грција:
– Регионална единица Пела/Постол (околу 85 села)
– Регионална единица Иматија (Верија/Бер) (околу 40 села)
– Регионална единица Килкис/Кукуш (околу 30 села)
– Регионална единица Серес/Сер (околу 90 села)
– Регионална единица Тесалоники/Солун (околу 50 села)
Регион Источна Македонија и Тракија, Грција:
– Регионална единица Кавала/Кавала (околу 2 села)
– Регионална единица Драма/Драма (околу 20 села)
Примери во минатото за признавање на македонскиот јазик во Грција од страна на грчката држава
Иако денес постоењето на македонскиот јазик и на македонските дијалекти во Грција не се признава од страна на грчката влада, ќе напоменеме одредени моменти од историјата кога македонскиот јазик всушност бил експлицитно признаен во земјата.
На пример, пописот од 1920 година – кој претставува прв попис по вклучувањето на “Новите територии“, односно на денешна Северна Грција во рамките на грчката држава – експлицитно го забележува, а со тоа и го признава МАКЕДОНСКИОТ јазик. Подолу е поместен извадок од страниците 181-182 од пописните податоци од 1920 година за областа Трикала (географски лоцирана во регионот Тесалија и Арта, поточно јужно од “Новите територии”). Притоа, како што се забележува, графата која се однесува за мајчиниот јазик на населението во оваа област ги содржи следните јазици: грчки, шпански, албански, бугарски, куцовлашки, македонски и српски јазик. Поточно, иако податоците се однесуваат за област и регион кој што географски не спаѓа во автохтоното подрачје на историскиот дијалектолошки систем на македонскиот јазик, сепак пред повеќе од еден век, вкупно 37 лица го определиле својот мајчин јазик како македонски јазик, различен од сите останати јазици кои едновремено се говореле на поширокиот балкански простор.
Благодарение на дигитализацијата на архивите, целиот том со пописните податоци од Пописот во 1920 година може да се преземе од официјалната веб-страница на Грчката статистичка служба:
http://dlib.statistics.gr/Book/GRESYE_02_0101_00011.pdf Забелешка: документот PDF е 131MB.
Друг пример за признавање на македонскиот јазик од страна на грчката држава се случил во 1925 година. Имено, грчкото Министерство за образование во тоа време изготвило буквар за македоноговорното население – наречен Абецедар, кој бил целосно заснован на македонскиот дијалект од областа Флорина/Лерин. Букварот бил доставен до тогашната Лига на народите, како своевиден доказ за исполнување на меѓународно-правните обврски на Грција кон малцинствата на нејзината територија. Сепак, Абецедарот никогаш не бил воведен во образовниот процес за потребите на македонското малцинство. Грчките власти, користејќи како повод симулиран притисок и отпор на локалното население кон најавата за негова официјална употреба во јавните училишта, букварот го конфискувале и уништиле.
Почетниот курс по македонски јазик што го нуди Центарот за македонски јазик во Грција има за цел да го заштити и промовира македонскиот јазик, низ процес на постојат раст на бројот на активни и пасивни македонски говорители во Грција, а со цел македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности да продолжат да опстојуваат и да се унапредуваат.
error: Content is protected !!