КАТИМЕРИНИ
Анастасија Калаици: Некој во Грција се обидува да создаде македонско малцинство
11.01.2023
Основачите на здружението Центар за македонски јазик во Грција добиле покани да се појават на рочиште на 2 февруари во Окружниот суд по приговор на јавниот обвинител во Лерин за укинување на првостепеното судско решение за основање на здружението. Окружната обвинителка Анастасија Калаици смета дека со регистрацијата на едно вакво здружение, чија цел е „зачувување и негување на македонскиот јазик во Грција“ и „воведување на македонскиот јазик како изборен предмет во јавните училишта и универзитети во Грција“, се прекршува Договорот од Преспа и е обид за создавање малцинство, пишува Катимерини.
Според обвинителката, пишува грчкиот весник, македонскиот јазик е признат само како „јазик на граѓаните на Република Северна Македонија. Дефиницијата на јазикот ‘македонски’, споменат во Договорот од Преспа, има само описна сличност со географскиот регион Македонија, кој е единствен и составен дел на Република Грција и на никаков начин не е поврзан со него, како словенечки јазичен идиом, кој, според некои, се зборувал во географските граници на македонскиот регион на Република Грција… Во Грција нема ‘македонски’ граѓани кои го зборуваат овој јазик, туку грчки државјани кои зборуваат грчки јазик. Очигледно е дека целите на регистрираното здружение воопшто не се јасни. Се создава погрешна слика и впечаток дека регистрираното здружение можеби сака да промовира друг јазичен идиом, што се вика македонски јазик, кој не постои во Грција…“. Ова е обид да се создаде малцинство во Грција, пишува грчката обвинителка во своето образложение за покренатата тужба.
Во Лерин пред Нова Година се одржаа и демонстрации на неофашистичката партија во Грција Златна зора во Лерин кои бараат укинување на една таква организација.